Осогово остана без тренер: Крсте Крстев си поднесе неотповиклива оставка!(ФОТО)

50
ФОТО:.facebook.com/p/GFK-Osogovo

По ремито на свој терен во Кочани против Еуромилк со резултат 1:1, шефот на струката на Осогово, Крсте Крстев си поднесе неотповиклива оставка.

Па така сега раководството на второлигашот од Кочани остана без тренер и ќе мора да бара решение.

Инаку Крстев својата одлука за оставката ја објави на социјалните мрежи:

„По две години посветена работа, одговорност и борба за клубот, донесов одлука да поднесам неотповиклива оставка од функцијата шеф на стручниот штаб.

Пред две години, кога клубот се наоѓаше пред колапс, се нафатив да ја преземам одговорноста во еден од најтешките моменти. Со многу работа, верба, пожртвуваност и заедништво успеавме да го стабилизираме клубот, а минатата сезона да бидеме вистински хит и пријатно изненадување.

Оваа сезона, по заминувањето на 14 фудбалери и соочени со скромен буџет, останавме со квалитативно тенок ростер. И покрај сите предизвици, продолживме да се бориме и во првите седум кола да му пружиме достоен отпор на секој противник, покажувајќи дека срцето, карактерот и желбата можат да надоместат многу од она што ни недостасува во играчкиот кадар.

Сепак, фудбалот не ги вреднува само борбеноста и вложениот труд, туку и резултатите. Од морални причини и од чувство на лична одговорност кон клубот, сметам дека е време да се повлечам.

Оваа одлука не е донесена лесно, ниту е резултат на недостаток на верба во клубот или во фудбалерите. Напротив, ја донесувам со чиста совест, знаејќи колку вложивме, низ што поминавме и колку труд беше потребен за клубот да застане на нозе.

Од работ на колапс, создадовме стабилност и испишавме една убава фудбалска приказна. На тоа сум горд и никогаш нема да го заборавам.

Им благодарам на сите фудбалери, членовите на стручниот штаб, управата и навивачите за соработката, поддршката и заедничките моменти. На клубот му посакувам многу успеси, стабилност и враќање на патот кон победите.

Заминувањето од функцијата не значи дека престанува почитта кон клубот. Некои одлуки се тешки, но понекогаш моралот, принципите и личната одговорност се поважни од функцијата.

Оставката е неотповиклива.

Со почит, Крсте Крстев

ПретходноСтруга ТЛ сака победа, сака и да го запоседне врвот на табелата
СледноАртим Положани “распали“: Како може на ваков терен да говориме за тактика и техника?!