Што се случува со Шкендија?!

237

Навистина, што се случува со Шкендија?! Вчера со ремито на Чаир против Шкендија Арачиново, и дефинитивно се покажа дека оваа Шкендија на Артим Положани е во криза, како резултатска така и играчка. Не помогна ни тринеделната пауза играчите да се одморат, тимот да се стабилизира. Далеку е оваа Шкендија од онаа Шкендија која во првите пет кола просто “газеше“. Тогаш ги победи Вардар, Силекс, Струга ТЛ и имаше “пет од пет“. Си набилда таква разлика која просто ги “занеме“ сите свои ривали, им влеа страв во коски.

Но, потоа следуваше несфатлив пад, во сите сегменти. Во последните четири кола тимот на Положани има само една победа, две ремија и еден пораз. Пораз од Тиквеш дома (1:3), реми со Арсими и Шкендија (А) на гости (2:2 и 1:1) и победа само против Башкими (4:1). Освоени се од можни 12 бодови сами 5, бодовната разлика која ја имаше над конкурентите исчезна, а од денеска веројатно Шкендија нема веќе да биде ни лидер на табелата ако Струга ТЛ победи во Куманово.

Сега Вардар е на само -3 бода, Струга ТЛ веројатно ќе има исто, 20 бодови, Тиквеш -4 бода.

Со ваквиот настап, со ваквите игри и резултати секако дека Шкендија ги “врати“ во игра своите конкуренти за титулата. Лошо за тетовци е тоа што шампионот речиси ништо да не игра, но затоа се приближи на само три бода. Што правиме кога Вардар ќе почне да игра како што му доликува?

Токму затоа во тимот на Шкендија под итно треба да се види каде е проблемот и истиот да се отстрани, во спротивно ова ќе биде уште една сезона без титула. Се знае дека тетовци не играат во Купот на Македонија, па им останува само во првенството да дојдат до пехарот.

Секако дека е рано за некои дефинитивни заклучоци, зад нас е само првата од четирите етапи во тековната сезона, ама ако денот по утрото се познава, тогаш…

ПретходноХанси Флик со важно предупредување до играчите на Барселона
СледноЕве што кажа Халанд по триумфот на “Енфилд“…