Струмица се простува од фудбалската легенда: Почина Димитар Георгиев – Шеки!

102

Екипата на Брера на својата официјална страница сподели тажна информација за смртта на Димитар Георгиев – Шики, легендарниот фудбалски мајстор, еден од најдобрите таленти кои што потекнуваат токму од Струмица.

„Со голема тага ја примивме веста за смртта на Димитар Георгиев – Шеки, легендарниот струмички фудбалер и мајстор на теренот, кој важи за еден од најголемите фудбалски таленти што ги родила Струмица.

Шеки остави длабока трага во историјата на струмичкиот фудбал, а посебно во дресот на ФК Беласица, каде што настапуваше во текот на десет сезони. За сино-белите одигра 235 првенствени натпревари и постигна 50 голови, со што се вбројува меѓу десетте најдобри фудбалери во историјата на клубот според двете категории.

Препознатлив по својот извонреден талент, креативноста, фудбалската интелигенција и атрактивните голови, Георгиев беше фудбалер кој знаеше да ја воодушеви публиката и да остави белег на секој натпревар.

Во 1983 година беше дел од шампионската генерација на Беласица, со која испиша значајно поглавје од клупската историја. Покрај настапите за Беласица, во текот на кариерата го носеше и дресот на други струмички клубови, меѓу кои и Тиверија, со која исто така оствари значајни резултати.

Заминувањето на Димитар Георгиев – Шеки претставува голема загуба за струмичкиот фудбал. Неговото име, фудбалското мајсторство и придонесот за локалниот спорт ќе останат трајно запишани во сеќавањата на генерациите што имаа можност да го гледаат на теренот.

ФК АП Брера Струмица изразува искрено сочувство до семејството на Димитар Георгиев – Шеки, неговите најблиски и пријателите.

Нека почива во мир“, се вели во известувањето на Брера. 

ПретходноРуни јуниор „гази“ за Јунајтед… постигна четири гола против Барнли
СледноНова МВП партија на Американецот со македонски пасош во Евролига (ВИДЕО)