Со д-р Виолета Николов разговараме на темата: Зошто не смееме да го игнорираме менструалното здравје на спортистките!

22
Фото: Приватна архива на Виолета Николов

✍ Марија Ковачева 

Месец октомври во „Женски Спортски Приказни“ го затвораме со исклучително важна тема за која мора постојано да се зборува, а на која институциите, вклучувајќи ги и спортските федерации, треба да ѝ посветат поголемо внимание кога станува збор за здравјето на спортистките.

Присуството на гинеколог во современиот спорт е од големо значење, како во колективните, така и во индивидуалните спортови. Менструалниот циклус е важен показател за здравјето на спортистките, а неговите нарушувања не треба да се занемаруваат, бидејќи може да влијаат врз тренажниот процес и спортските перформанси.

Спортскиот успех не треба да доаѓа по цена на здравјето. Колку често зборуваме за резултати, рекорди, дисциплина и напор, а колку малку за менструалното здравје на младите спортистки?

Релативната енергетска инсуфициенција во спортот (RED-S) може да се појави кога телото не добива доволно енергија за да ги покрие потребите на тренингот, растот и нормалното функционирање. Доцнењето на првата менструација или изостанувањето на веќе воспоставениот менструален циклус не треба да се игнорираат.

◊Родители, прашувајте и слушајте без осудување.

◊Тренери, препознавајте ги предупредувачките знаци.

◊Спортистки, вашето здравје е исто толку важно колку и вашиот резултат.

◊Менструацијата не е слабост. Таа е важен показател за здравјето.

Да создадеме спортска средина во која младите девојки ќе можат отворено да зборуваат, да побараат помош и да ги градат своите успеси без да го жртвуваат своето здравје.

На темата „Релативна енергетска инсуфициенција во спортот“ (RED-S) разговараме со д-р Виолета Николов, специјалист гинеколог во велешката клиничка болница.

*Што е RED-S и зошто треба да зборуваме за него?

„RED-S е синдром на релативна енергетска инсуфициенција во спортот. Се јавува кога телото подолг период не добива доволно енергија од храната за да ги покрие потребите на тренингот, растот и нормалното функционирање. Тоа може да влијае врз хормоните, менструалниот циклус, коските, имунитетот и спортските перформанси“.

*Дали е нормално спортистка да ја добие првата менструација подоцна?

„Времето на појавување на првата менструација варира, но ако таа не се појави до 15-годишна возраст, потребна е лекарска процена. Исто така, треба да се побара лекарска процена ако менструацијата не се појави во рок од три години од почетокот на развојот на градите. Интензивниот тренинг и недоволниот енергетски внес може да бидат дел од причините, но не се единствените можни фактори“.

*Што е секундарна аменореа?

„Тоа е отсуство на менструација откако таа веќе започнала. Ако менструацијата изостанува три месеци по ред, спортистката треба да се консултира со лекар, особено ако претходно имала редовни циклуси. Не треба автоматски да се припишува на интензивните тренинзи, бидејќи може да има и други причини“.

*Каква врска имаат исхраната, тренингот и менструацијата?

„Кога спортистката внесува помалку енергија отколку што му е потребно на телото, организмот може да ги намали функциите што не се неопходни за непосредно преживување, вклучувајќи ја и репродуктивната функција. Ова може да доведе до нарушување на менструалниот циклус или доцнење на првата менструација“.

*Дали изостанувањето на менструацијата е знак дека телото добро се приспособило на интензивните тренинзи?

„Не. Изостанувањето на менструацијата може да биде знак дека телото не добива доволно енергија за да ги задоволи потребите на тренингот и нормалното функционирање. Тоа не треба да се смета за нормална последица од спортот, туку за предупредувачки знак дека е потребна медицинска процена“.

*Како RED-S влијае врз коските и ризикот од повреди?

„Недоволниот енергетски внес и хормоналните промени може да го нарушат создавањето и одржувањето на коскената маса. Ова е особено важно кај адолесцентките, бидејќи нивните коски сè уште се развиваат. Ризикот од повреди на коските предизвикани од повторливо оптоварување може да се зголеми, што може да доведе и до стрес-фрактури“.

*Што треба да направат родителите ако забележат доцнење или изостанување на менструацијата?

„Треба да разговараат со својата ќерка без осудување, да ја охрабрат да зборува за тоа како се чувствува и да побараат медицинска процена. Проблемот не треба да се игнорира поради спортските резултати. Важно е да се разгледаат исхраната, тренинг-оптоварувањето, одморот, растот и другите можни здравствени причини“.

*Кој е најдобриот начин за превенција?

„Превенцијата подразбира доволен внес на храна во согласност со реалните потреби на телото, соодветен одмор, индивидуално планирано тренинг-оптоварување и отворена комуникација меѓу спортистката, родителите, тренерот и здравствените професионалци. Кога постои сомнеж за RED-S, потребен е индивидуален пристап, а не само промена на тренингот.

Сепак, сметам дека кај нас, за да имаме добра превенција, пред сè треба да ја подигнеме свесноста за сериозноста на овој проблем на сите нивоа – почнувајќи од спортистката, преку родителите и тренерите, па сè до здравствените професионалци. Неопходен е мултидисциплинарен пристап“.

*Дали редовната менструација е важна и за спортистките кои не планираат бременост?

„Да. Менструалниот циклус е важен показател за репродуктивното и општото здравје, без оглед на тоа дали спортистката планира да има деца“.

*Може ли спортистка да има RED-S иако изгледа здраво и има добри резултати?

„Да. RED-S не може да се препознае само според изгледот, телесната тежина или спортските резултати. Проблемот може да постои и кај спортистки кои изгледаат здраво и продолжуваат успешно да се натпреваруваат“.

*Дали контрацептивните таблети го решаваат проблемот ако менструацијата изостанува?

„Не нужно. Контрацептивните таблети може да предизвикаат крвавење кое не го одразува природното функционирање на менструалниот циклус, а со тоа и да го прикријат проблемот. Затоа е важно да се утврди причината за изостанувањето на менструацијата и да се третира основната состојба“.

*Дали треба да се чека менструацијата целосно да престане за да се побара помош?

„Не. Повторливите нередовни циклуси, значителното продолжување на интервалите меѓу менструациите, доцнењето на првата менструација или појавата на други симптоми се причина за навремена медицинска процена“.

 


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноРФМ во Скопје организира турнир за помлади пионери
СледноЧупиќ: Неважни се Лино и Иван! Вардар секогаш е фаворит дома – тоа е во ДНК на клубот!