Чупиќ: Неважни се Лино и Иван! Вардар секогаш е фаворит дома – тоа е во ДНК на клубот!

46

Првото ракометно „Ел Класико“ помеѓу Вардар и Пелистер на програмата е во недела (17:45 часот) во салата „Јане Сандански“.

И на прес-конференцијата пред дуелот, Иван Чупиќ по повтори она што го кажа после мечот со Мелсунген – неговиот тим е фаворит на оваа средба. Предводникот на актуелниот македонски првак потенцираше неколку важни точки за Вардар.

За дербито со Пелистер и фаворитската улога на Вардар

„Ова е најголемото македонско дерби, како и на Балканот. Играме дома, се надеваме на полна сала и добра атмосфера. Очекуваме тежок натпревар, но фаворити сме и сакаме со победа над ривалот да ја заокружиме првата четвртина од сезоната.

Вардар секогаш е фаворит на домашен терен. Тоа е ДНК на клубот. Кој и да дојде во „Јане Сандански“, треба да знае дека тука тешко се победува.“

За победничкиот менталитет

„Победничкиот дух е присутен во овој тим. Една од првите работи што ги забележав кога дојдов беше амбициозноста во соблекувалната. Сакам тим кој секогаш сака да победува, се подредува на клубот и ги става клупските интереси пред личните.“

Пелистер и Лино Червар

„Мило ми е што играме против најдобрите, затоа што преку големи натпревари и силен ритам се напредува и се добива на квалитет. Мислам дека тоа е наша предност пред Пелистер, а втората е секако „Јане Сандански“.

Многу го почитувам Лино Червар. Тој е најтрофејниот хрватски тренер во историјата, но во недела не се важни Лино и Иван, важно е само Вардар да победи.“

За стилот на игра на Вардар

„Сакам модерен и брз ракомет, со многу ротација и транзиција. Тоа е иднината на ракометот и се обидов тој стил да го наметнам во Вардар. Играчите го прифатија и покажавме дека можеме да играме така.

За секој противник подготвуваме индивидуални и колективни промени. Така ќе биде и против Пелистер. Ќе подготвиме нешто што досега не го виделе, но без да се откажеме од нашата типична брза игра.“

ПретходноСо д-р Виолета Николов разговараме на темата: Зошто не смееме да го игнорираме менструалното здравје на спортистките!
СледноВИДЕОЛОТАРИЈА КАСИНОС АВСТРИЈА ЈА ПОДДРЖУВА УМЕТНОСТА: „НАБУКО” НА СЦЕНАТА НА НАЦИОНАЛНАТА ОПЕРА И БАЛЕТ