Лазаров: Желбата е јасна – пласман на уште едно големо натпреварување!

56
Фото: РФМ

Македонската ракометна репрезентација од денеска ја започнува мисијата – Европско првенство 2028 година. Селекторот Кирил Лазаров и неговите момци ќе одиграат два натпревари. Прв противник е Луксембург, дуел кој ќе се игра во среда во СЦ „Борис Трајковски“, додека четири дена подоцна ќе гостуваат во Грција. Во нашата група се наоѓа и фаворитот Шведска.

„Повторно сме на собир на еден нов квалификациски циклус, желбата е јасна – да се стигне до уште едно големо натпреварување. Тргнуваме дома со Луксембург и не бегаме од фаворитската улога. Немаме многу време за подготовки и воигрување, но ќе го искористиме максимално. Луксембург доаѓа со нов селектор, познато име во светскиот ракомет, Дидие Динар. Немаме никаков видеозапис за тоа како изгледа оваа репрезентација со новиот кормилар, но ќе се подготвиме најдобро што можеме и ќе бидеме фокусирани на нашата игра“, истакна Лазаров.

Во составот на Македонија за пресметката со Луксембург се очекува да биде и Дмитро Горига, украинскиот бек кој доби македонски пасош.

„Како што кажав и на последната прес-конференција, Горига е квалитетен играч кој ќе донесе дополнителен плус во нашата игра. Немаме премногу време, но верувам дека брзо ќе се адаптира, дека позитивно ќе биде прифатен од остатокот од репрезентацијата и ќе го прикажува она што сите ние го очекуваме од него“, изјави македонскиот селектор.

Лазаров денеска го немаше целиот состав на располагање бидејќи се игра големото дерби меѓу Вардар и Пелистер. За првпат се случува во ист ден кога традиционално се закажува собирот на репрезентацијата да се игра и првенствен натпревар. Дополнителна тежина на сето ова му дава фактот дека Македонија веќе во среда го игра првиот натпревар, па репрезентативците од двата тима нема да имаат многу време за одмор.

„Не сме комплетни, ни недостигаат играчите од Вардар и Пелистер. Ова е новонастаната ситуација, немаме многу избор, треба да се адаптираме и да го прифатиме тоа. Немаме време за плачење и жалење, иако порано не беше така. Не смееме да имаме алиби. Се надевам дека репрезентативците ќе се вратат уште вечерва здрави, некој порасположен, некој понерасположен, но во овие ден-два ќе мора да ја подигнеме атмосферата“, истакна Лазаров.

ПретходноВМФЛ: Работнички убедлив со Беласица, Пелистер го прегази Детонит
СледноБитолчани поразени во првиот меч во „Јане“: МЗТ Скопје А. им се врати на победите