Аморим: „Топ Ган“ е одличен филм, но во првиот дел верниот придружник на главниот лик загинува

32

Тренерот на Милан, Рубен Аморим, не ја криеше радоста по првата победа во познатото Дерби дела Мадонина. Португалскиот стратег, сепак, побрза да ја смири преголемата еуфорија кај навивачите, истакнувајќи дека победата над градскиот ривал Интер е прекрасен момент, но дека на патот на тимот ќе има и тешки периоди. Тренерот беше под сериозен притисок по изненадувачкиот домашен пораз од Болоња со 2:4 во текот на неделата, но престижниот триумф во миланското дерби би требало да му донесе потребен мир и самодоверба, барем во следните неколку дена.

„Задоволен сум од многу работи. Почнавме многу силно. Знаевме дека противникот е опасен во воздушните дуели, но го променивме пристапот и сметам дека покажавме напредок во однос на претходните натпревари. Во второто полувреме ја задржавме контролата врз топката и одлично се справивме, а Лука Модриќ имаше голем придонес во таа фаза. Не беше совршен натпревар, но ова е неверојатна вечер за навивачите. За нас беше исклучително важно да победиме по разочарувањето во средата и да продолжиме понатаму“, изјави Аморим по дербито.

Тренерот на „росонерите“ ги сподели и своите впечатоци од „Сан Сиро“, откако за првпат го почувствува миланското дерби.

„Атмосферата е неверојатна, страста е неповторлива и целосно поинаква од онаа на кое било дерби на кое сум учествувал. Исклучително сум среќен за момците, а навивачите ќе стекнат поголема доверба во нашиот проект. Пред нас се уште многу прекрасни вечери како оваа, но ќе има и тешки моменти, како против Болоња. Тоа е дел од процесот. Убаво е да победуваме на вакви натпревари, за да покажеме дека за изградба на тимот е потребно време. Невозможно е сè да се промени за еден ден. Гордеам со моите фудбалери, но мислите веќе ми се насочени кон следниот натпревар“, рече Аморим.

Сопственикот на клубот, Џери Кардинале, кој го следеше натпреварот во живо од трибините, не ги криеше амбициите за освојување на Скудетото, правејќи паралела со својот омилен филм „Топ Ган“.

„Ќе бидеме многу силен тим, но за тоа е потребно трпение. Како што рече господинот Кардинале, крајната цел секогаш е шампионската титула. Реално гледано, сепак, освојувањето на Скудетото уште во првата сезона ќе биде исклучително тешко. Ќе се бориме на секој натпревар, а целта во клупската база Миланело е да го вратиме Милан на врвот. „Топ Ган“ е одличен филм, но во првиот дел верниот придружник на главниот лик загинува, па затоа јас претпочитам да се концентрирам на вториот филм…“, заврши со насмевка Аморим.

ПретходноМурињо: Јас сум дефанзивен тренер со 100 бодови и 120 голови!
Следно„Ел Класико“, прв дел: Вардар е во сериозен налет, Пелистер доаѓа по скалпот на првакот!