Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, се откажал од идејата за дополнително зголемување на бројот на учесници на Светското првенство во фудбал. Според информациите на британскиот весник „Тајмс“, Инфантино ги известил претседателите на шесте континентални конфедерации дека нема да ја турка иницијативата за проширување ниту на Мундијалот, ниту на Светското клупско првенство.
Во јули годинава, Инфантино најави дека ФИФА би можела да го зголеми бројот на учесници на Светското првенство од 48 на 64 репрезентации. Сепак, планот наиде на критики, а идејата предизвика дополнителни несогласувања меѓу светската и европската фудбалска организација.
Одлуката доаѓа во период на затегнати односи меѓу ФИФА и УЕФА, по контроверзниот предлог за основање компанија „FIFA Forward Enterprise“, преку која требаше да се обедини комерцијалното работење на организацијата и организацијата на турнирите, со можност за влез на приватни инвеститори. УЕФА остро се спротивстави на иницијативата, предупредувајќи и на можен бојкот на натпреварувањата на ФИФА.
Инфантино, кој е на чело на ФИФА од 2016 година, се очекува да се кандидира за нов мандат на изборите во март 2027 година во Мароко.










