Одбојкарите на Струмица со пораз го започнаа настапот во првата рунда од ЦЕВ Челинџ купот, откако на гостувањето во Финска загубија од екипата на Форд Леворaнта Састамала со убедливи 3:0 во сетови (25:13, 25:20, 25:17).
Финскиот тим целосно ја контролираше играта, особено во првиот сет, во кој на нашиот тим му дозволи да освои само 13 поени. Струмичани пружија поголем отпор во вториот сет, но Састамала и него го доби со 25:20, за во третиот повторно да ја потврди својата доминација.
Статистички, домаќините освоија 47 поени во напад, наспроти 25 на Струмица, а имаа и предност во блоковите (11:5) и ас-сервисите (5:3).
Најефикасен кај Струмица беше Тејлор Трип со 10 поени, додека Кристијан Илијев реализираше осум, а Филип Маџунков седум поени.










