Женската сениорска репрезентација на Македонија се врати од Букурешт, каде го одигра првиот натпревар од ноемврискиот циклус на претквалификациите за Евробаскетот 2029.
И покрај поразот од Романија, во македонскиот табор владее оптимизам и верба дека оваа млада селекција има потенцијал за напредок.
Следниот предизвик за избраничките на селекторот Виктор Петровски е дуелот со Естонија, кој ќе се одигра во сабота (14 ноември), со почеток во 18:00 часот, во спортскиот центар „Џексон“ во Штип.
Тијана Митрева е задоволна од атмосферата во репрезентативниот табор, а особено од хемијата и заедништвото што, според неа, се чувствуваат и надвор од теренот и за време на натпреварите.
Верува дека токму тие вредности, заедно со желбата и борбеноста, се добра основа за иднината на овој млад национален тим.
„Ваква хемија во репрезентацијата одамна немам почувствувано. Знам дека надвор од теренот сме многу поврзани, но она што најмногу ме радува е што таа поврзаност уште повеќе се чувствува на теренот. Си веруваме, се поддржуваме и се бориме една за друга.
И покрај поразот во Романија, можам да кажам дека сум навистина задоволна од она што го покажавме на теренот. Покажавме огромна желба, карактер и борбеност, а тоа за мене е многу поважно од самиот резултат.
Свесни сме дека секој почеток е тежок и дека е потребно време за да се изгради нешто вистински квалитетно. Но токму енергијата, карактерот и заедништвото што ги покажавме се доказ дека оваа репрезентација има светла иднина“.
Во сабота, следува нов предизвик – Естонија?
„Пред нас е уште еден натпревар на домашен терен, што ни дава дополнителна мотивација и желба да се покажеме во најдобро светло. Да се игра пред домашната публика е посебно чувство и дополнителен мотив да го дадеме максимумот. Верувам дека ова е само почеток на нешто убаво и дека најдоброто допрва доаѓа“, истакнува Тијана Митрева.
Македонија и Естонија ќе се сретнат во сабота во Штип. Поддршката од трибините ќе биде дополнителен мотив за нашите кошаркарки во обидот да стигнат до позитивен резултат во вториот натпревар од претквалификациите.










