По двонеделна пауза поради настапите на нашата репрезентација, денеска продолжуваат возбудувањата во нашата елитна фудбалска лига. Денеска (13 часот) на програмата е првиот меч од 14.коло и тоа меѓу Шкендија Арачиново и Башкими, кој се игра на стадионот на Чаир во Скопје. Јасно е дека домашниот состав е фаворит на хартија, барем според изгледот на табелата, но реално и поради квалитетот.
Шкендија Арачиново посакува нова победа по онаа од минатото коло пред две недели кога овој тим славеше против Арсими на гости. Во пресрет на овој меч тимот од Арачиново е на 5.место со 18 бодови, додека кумановци се на 8.место со само 11 бодови.
На тимот на Башкими и тоа како бодовите им се потребни, секако дека кумановци ќе го дадат својот максимум, тие си имаат свои амбиции и секако дека не смее да се потцени тимот на Муарем Муарем.
Очекувано е да се води голема битка, ќе биде тврдо по лошиот терен на стадионот на Чаир, но нема да биде без возбудувања и секако дека ќе биде интересно.
Колку за потсетување, утре се играат два меча од ова 14.коло и тоа Скопје – Арсими (12 ч) и Вардар – Тиквеш (13 ч), во недела во Штип се среќаваат Брегалница и Струга ТЛ (12 ч), и во понеделник од 13 часот на Арената во Скопје се среќаваат Шкендија (Т) и Силекс.















