Нема екипа во ПМФЛ шампионатот, што нема победа. Денеска на сите останати им се приклучи екипата на Скопје, која што на домашен терен на стадионот Автокоманда успеа да слави со 2:1 над екипата на Арсими. Со тоа, ги освои првите три комплетни бодови во овогодинешното првенство и сега стигна со „котата“ седум. Иако има уште многу пред себе за да обезбеди опстанок, тимот на Скопје ете конечно тргна од „мртва точка“.
Првиот клучен момент на овој меч беше црвениот картон за гостинскиот играч, Лорик Каба кој доби директно исклучување во 26. минута, по што Арсими остана со десетмина.
Гордиќ во 41. минута конечно им носи радост на домашните со голот за 1:0, со што се замина на полувреме.
Само што започна вториот дел, а веќе домаќините водеа со 2:0. Гроздановски упати добар удар, топката удри во Фисник Зука го промени правецот и замина во гостинската мрежа.
Во 69. минута, Рамадани намали на 2:1, но тоа беше се што гостите сторија на овој меч.















