Пелистер дојде до втората победа во групната фаза во Европската лига, откако на домашен терен славеше против лидерот, Гдањкс со 34-27 (20-14). Со овие бодови македонскиот тим остана во игра за пласман во главната рунда, а за таму ќе мора да слават на гости кај Ла Риоха во последното коло.
Хеидарирад имаше 14 одбрани, три запиша Митревски. Прв стрелец беше Кузмановски со осум гола, Петар Атанасијевиќ имаше пет погодоци.
Вечерва во салата „Боро Чурлевски“ фановите уживаа во магијата на нивните миленици, кои одиграа цврста одбрана, а во првото полувреме испорачаа 20 гола во мрежата на противникот.
Одлично прво полувреме одигра македонскиот тим. Избраниците на Лино Червар постигнаа 20 гола во овој период. Во првите осум минути се играше гол за гол, а по 4-4, Пелистер направи серија од 3-0, со две одбрани на Митревски во овој период, па во 18. минута поведе со 13-10. Гдањск неколку пати успеа да дојде до гол негатива, но не и повеќе од тоа. Битолчани беа одлични во одбраната, а уште посигурни во нападот, па на одморот заминаа со повеќе од заслужена предност од 20-14.
Веднаш на стартот на второто полувреме Пелистер поведе со 21-14, по што следеше серија промашувања на битолчани, кои не успеаја да ги искористат ниту двете одбрани на Хеидарирад. Гостите одговорија со три гола (два на празен гол) за 21-17, по што Червар повика тајм-аут. Кузмановски го прекина налетот на противникот, а македонскиот тим брзо се издигна и продолжи да доминира.
Во 46. минута, нова техничка грешка на полскиот состав во гол ја претвори Видомски за 29-21. Од овој момент, гостите одговорија со серија од 4-0 и дојдоа на 29-25 на стартот на 50-тата минута. Червар повика тајм-аут, Кузмановски ја врати стабилноста, со три гола (два од седум метри и празна мрежа) го прекина налетот на Гдањск 32-25 во 54. минута. На две минути до крајот Ристовски стави печат, ја врати највисоката предност од осум гола (34-26). Тука и беше крајот на овој натпревар.










