Шкендија и Брегалница се „удавија“ во калта на Чаир

0

Кога теренот изгледа повеќе како нива, отколку на игралиште за професионален фудбал на највисоко државно ниво, тогаш ситуацијата е и повеќе од јасна зошто извештајот од мечот Шкендија Арачиново – Брегалница кој што денеска се одигра во рамките од новото 15. коло од ПМФЛ шампионатот ќе биде посветен најмногу на овој момент.

Фудбалските вештини на актерите на овој дуел секако дека се ставени во втор план од едноставна причина што истите и речиси и ги немаше. Борба со теренот, борба со топката, и ретро слики од некои дамнешни времиња кои одамна требаше да бидат минато. Ама за жал не се.

Конечните 0:0 и се реален исход на настаните. Домаќинот, да, имаше шанси за да поведе, но истите беа осуетени или од младиот голман на Брегалница, Заов, или пак од неможноста на домашните реално да дојдат до идеална ситуација за да реализираат.

Демири, Елези, Симоновски имаа ситуации, но едноставно денес на Чаир фудбал не се играше. Мачење на актерите, кои што имаат стотици ПМФЛ мечеви во нозете, дел од нив и десетици мечеви во младинските селекции на Македонија, но за жал, ништо од тоа не можат да го искористат на терен. Зошто? Затоа што инфраструктурно, Чаир во моментов изгледа како во деведесетите години од минатиот век.

ПретходноЕвропскиот форум ELEVATE-SS во Скопје ги обедини спортот, технологијата и инклузијата