Некогашниот капитен на ФК Брегалница, а сега успешен стратег Горан Здравков на голема врата се враќа во својот матичен клуб. Здравков предмалку и официјално беше промовиран како нов шеф на стручниот штаб на Брегалница со што се затвора едно големо прашање зимава во Штип.
Истото беше без одговор откако Илчо Ѓорѓиоски си замина од клупата на „Сините“, па во последните мечеви Брегалница ја водеа неговите помошници, за да ете за реме на паузата управата се реши да го доведе досегашниот тренер на Детонит од Радовиш.
Здравков и тоа како и е добро познат на публиката во Штип затоа што беше нејзин миленик во изминатата деценија.
„Се одлучивме довербата да го предводи тимот да ја дадеме на едно од најголемите имиња на штипскиот фудбал како начин токму и во својот дом, во клупската средина од која потекнува, Горан Здравков да започне и успешна тренерска кариера. Брегалница продолжува по својот пат на изградба на клуб кој долги години ќе биде сериозен македонски прволигаш, поставувајќи нормативи за начин на функционирање на тимот. Во таа насока е и овој избор за нов шеф на стручен штаб“ – истакна првиот човек на Брегалница, Кирил Гогов.
Здравков: Чест и задоволство е да се води Брегалница
„За мене е огромна честа и задоволството што повторно сум во својот клуб, во мојата Брегалница. Среќен сум што ја добив довербата од сопственикот на клубот, господинот Кирил Гогов, на кого искрено му благодарам, свесен дека да се предводи тимот на Брегалница секогаш носи огромна одговорност. Но, пред нас е сериозен предизвик верувам со успешни идни денови на задоволство на големиот број наши навивачи“ – истакна Здравков по промоцијата на функцијата шеф на стручниот штаб на Брегалница.