Храбра игра на МЗТ Скопје, но целиот плен за Будуќност (ФОТО)

182

МЗТ Скопје не успеа да дојде до изненадување на дуелот против фаворитот Будуќност, беше совладан со 86-90. Тимот од Аеродром одигра променливо, имаше добри и лоши моменти, покажа карактер, се врати од негатива од 17 поени, но за жал во финишот не успеа да дојде до голем триумф. Останува „сино-белите“ да жалат за пропуштената шанса и поразот број 14 во АБА-лигата.

Со 20 поени лидер на МЗТ Скопје беше Војдан Стојановски, додека дабл-дабл од 19 поени и 10 скока запиша Абдул-Малик Абу, Вер имаше 16 поени и 7 асистенции. Кај Будуќност Бел-Хејнс имаше 22 поени и 6 асистенции.

Актуелниот македонски првак лошо влезе во првата четвртина, му дозволи на противникот да поведе со 0-9, а додека првите поени ги постигна во шестата минута за Будуќност. Кефи реализираше по тајм-аутот на Драган Николиќ. Гостите брзо со тројка поведоа со 2-12, имаа и 4-18. Токму по ова водство, кошаркарите на МЗТ Скопје со серија од 13-2  дојдоа на минус шест 14-20 на стартот на втората четвртина.

И не застанаа тука момците во „сино-бел“ дрес, следеше серија на тројки, прво Вер и Дамјан намалија на 23-26 во 15. минута, а со нов удар од истата позиција Бојан Крстевски доближи на 26-28. Намерна лична грешка и загубени топки, Будуќност ги казни и ги врати двоцифрените 30-40. На одморот беше 32-42.

Гостите отворија со 7-0 серија и набрзина поведоа со 32-49. На две минути до крајот на третата четвртина беше 40-59. На стартот на последната четвртина негативата беше минус 17 поени (48-65).

Се чинеше дека МЗТ Скопје нема да се врати на оваа средба, но напротив, се издигна од бездната, новото засилување Абу блесна во вистински момент. Прво намали на 69-73, а потоа со поени на Дамјан и Абу израмни на 76-76. Последните две и пол минути беа пеколни, МЗТ Скопје прими пет поени за 78-83. Ова беше клучен момент за поразот. Не помогнаа брзите фаули, едноставно Будуќност не дозволи.

ПретходноПОЛУВРЕМЕ ВО ПЛОЦК: Македонија – Тунис 14-16
СледноРакометарите убедливо поразени од Тунис во Плоцк!