Фудбалерите на Шалке со гол од пенал во 100. минута на гостувањето кај Мајнц, дојдоа до голема победа од 3:2 и три бода кои можат да се покажат и како клучни во битката за опстанок во германската Бундеслига. Момците од Гелзенкирхен иако двапати водеа, во судиското продолжение влегоа со егал резултат – 2:2.
Сепак, по долгото десетминутно продолжување, Бутлер доби шанса од белата точка, која не ја пропушти, а на својот тим му донесе огромен триумф. Овие три бода го носат Шалке на 14. место, со два бода предност пред останатите тимови кои се борат за опстанок во елитата.
Во мечот во Леверкузен, Келн успеа да ги освои бодовите против Баер славејќи со 2:1. Со овој пораз „фармацевтите“ на коцка го ставаат 6. место на табелата кое води во Европа.










