Самуел Умтити, светски шампион со Франција по лошо ќе го памети престојот во Шпанија, поточно во Барселона. Во интервју за италијанските медиуми Умтити зборуваше за тоа дека во Барселона се чувствувал како во затвор иако со клубот има договор на уште три години. Тој не се снајде во Каталонија, а моментално е на позајмица во Лече.
Французинот вели дека сакал само да биде почитуван и прифатен, а тоа не му го приредиле во Барселона. Поради тоа психички паднал, не излегувал надвор, имал и проблеми со пријателите кои сакале да му помогнат.
„Во Барселона поминав четири години во затвор, а единствено што сакав е да бидам почитуван и прифатен. Тоа се случи само на почетокот, кога од Лион дојдов во Шпанија и играв на високо ниво. Потоа почнав да чувствувам дека не ми веруваат, се чувствував лошо поради тоа. Не знам дали тоа беше депресија, но секако беше компликувано на сите нивоа. Се лажев себе си, ги одбивав луѓето. Се сеќавам на периодот кога не сакав да излезам од домот. Пријателите ме советуваа да излезам и да ги разбистрам мислите, но сакав да бидам сам“, изјави Умтити.
Умтити има договор со Барса до 2026 година, а кружат информации дека може да се врати во Лион.