Никола Јокиќ продолжи со блескавите партии во плеј-офот и во првиот натпревар од финалето на НБА. Тој го предводеше Денвер до победа од 104-93 против Мајами, мечот го заврши со 27 поени, 10 скока и 14 асистенции.
Ова беше уште еден историски натпревар за Јокиќ во овој плејоф, тој стана првиот што постигна трипл-дабл во своето деби во НБА-финалето.
По натпреварот, Јокиќ гостуваше во Inside The NBA, чиј домаќин беа Чарлс Баркли и Шекил О’Нил. Во разговор со нив се присети на хрватската легенда:
„Не ја следев многу НБА додека бев во Србија. Дражен Петровиќ и Владе Дивац беа меѓу првите кошаркари кои дојдоа од Европа. Тие ја отворија вратата за другите европски играчи, особено оние од Југославија“, рече Јокиќ.
Петровиќ и Дивац дојдоа во НБА во 1989 година, првиот во Портланд, а вториот во Лејкерс.