Аеродром добива уште еден повеќенаменски спортски терен и тоа во боите на гордоста на населбата, екипата на МЗТ Скопје, со оглед што пред крај е реконструкцијата на популарната „Жути Арена“, која добива нов изглед со современи спортски реквизити.
„Ова е местото во кое во иднина сите аеродромци ќе спортуваат со победничка енергија на шампионите во кошарка. Проектот, кој е целосно реализиран со средства од буџетот на Општина Аеродром, опфати поставување нова подлога, замена на реквизитите и на заштитна ограда, како и поставување трибина.
Со завршување на оваа инвестиција, Аеродром на листата запишува уште еден реконструиран спортски терен, а граѓаните од населбата добиваат место подготвено за спорт и рекреација.
Реконструкцијата на овој терен е уште една потврда на заложбите на луѓето кои ја предводат општината за промоција на здравото живеење и поддршка на спортот. Затоа, летово сите се гледаме на модернизираната „Жути Арена“, се вели во известувањето на градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски.