По завршениот настап во Европската Златна лига, македонската машка одбојкарска репрезентација замина на заслужен одмор кој нема да трае долго. Според програмата за подготовки на нашиот национален тим пред стартот на Европското првенство во Скопје, одбојкарите во изборот на селекторот Јошко Миленкоски треба да се појават на првиот собир закажан за 15 јули.
Токму од средината на следниот месец, стартуваат едномесечните подготовки пред првите контролни натпревари кои селекцијата ќе ги одигра во очекување на настапот на ЕвроВолеј 2023. Најголемиот дел од подготовките ќе се реализираат во Маврово, каде веќе се планирани и првите контролни дуели.
Според досега договореното, први спаринг-партнери на нашата репрезентација ќе бидат селекциите на Романија и Израел. Планот е со нив да се одиграат неколку пријателски средби во август, пред започнувањето на меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“ кој ќе се одржи во Скопје од 18 до 20 август.
Македонија настапот на ЕП го почнува на 30 август вО СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје со натпревар против Данска.