Италијанскиот стратег Џовани Валенти ќе биде новиот стратег на струмичкиот прволигаш Академија Пандев Брера. Нашиот фудбалски ас Горан Пандев вчера изјави дека е нов претседател на клубот и најави дека екипата ќе ја предводи италијански тренер, а се работи за Валенти кој последно работел во младинскиот тим на Парма.
Откако во Академија Пандев влезе компанијата Брера се случуваат промени како во раководните структури така и во стручниот штаб, а 47 годишниот италијански стратег ќе биде предводник на тимот во новата сезона во ПМФЛ. Валенти претходно бил помошник селектор во селекциите на Италија до 19 и 20 години. Досега работел само во младински тимови и тоа во Милан, Бреша и Јувентус.