Со убедлив пораз од 0:3 (23-25, 22-25, 16-25) од селекцијата на Грција, македонската одбојкарска репрезентација го заврши настапот на Меморијалот „Чајка“ во Скопје. Последниот меч кој беше и последна проба на нашата селекција пред Европското првенство го одигравме со два борбени сета и еден комплетно разочарувачки.
Првиот сет почна со израмнета борба. И двете селекции влегоа во мечот со многу мотиви, но и голем број сервис-грешки. Грците први обезбедија предност од два поени кон средината на сетот кога поведоа со 11:13. Ние успеавме брзо да се вратиме резултатски и со два последователни блока на Никола Ѓорѓиев дојдовме и до водство, 15:14. Во завршницата, Грците направија пресврт и влегоа во финишот на сетот со предност од 21:22, по што Миленкоски повика прв тајм-аут. Грците не отстапија од планот, влегоа со две сет-топки и втората со смечот на Мухлиас значеше водство од 1:0. Никола Ѓорѓиев освои 8 поени за нас во првиот сет, но отсуствуваа поените на Љафтов кој имаше само еден поен од блок. Раптис (5), Ѓуриќ (4) и Мухлиас (4) беа лидери во грчкиот состав.
Сличен старт имаше и вториот сет. Грција поведоа, одржуваа предност и не примора на прв тајм аут при нивно водство од 8:10. Работите за нас не се променија ни во продолжение, па гостите кон средината на сетот направија и плус три (12:15), па Миленкоски повика и втора минута одмор. Ние имавме проблем со приемот, а Грците во нападот го имаат фантастичниот коректор Мухлиас, кој беше незадржлив. Мало освежување донесе влегувањето на Илиев кој успеа да реализира два поени, но Грција остана во водство 19:22. Со плус три дојдоа и на сет-топка (21:24) но ние се обранивме со добар смеч на Н. Ѓорѓиев. Сепак, втората сет-топка Раптис ја претвори во поен за Грција и водство од 2:0 во сетови. Мухлиас го заврши сетот со фантастични 9 поени, додека кај нас Н. Ѓорѓиев застана на 5, додека Љафтов дојде до 4 реализации (две од напад и по еден блок и поен од сервис).
Грција и третиот сет го почна подобро од нас. Уште на стартот се одлепија на три поени (4:7). Благодарение на бројните сервис грешки на противникот (дури пет), некако останавме во игра на еден до два разлика (9:10). Во продолжение, расположениот Мухлиас ја врати Грција на плус три (12:15), па Миленкоски побара тајм-аут. Гостите и натаму одржуваа исто темпо, а ние не успеавме да искористиме шанса да се вратиме во живот. Во финишот на сетот комплетно се „распаднавме“ и Грција го финишираше сетот и мечот со 25:16.
Никола Ѓорѓиев со 15 поени (12 напад + 3 од блок) бепше најдобриот поединец кај нас и на оваа средба. Љафтов имаше 7 поени (3 напад+2 блок+ 2 сервис), Савовски реализираше 5 поени, а Милев 4. Кај селекцијата на Грција незапирлив беше коректорот Мухлиас кој финишираше со 20 поени (18 напад + 2 блока), додека одличен настап имаа и Раптис (11) и Ѓуриќ (8).
МЕМОРИЈАЛ „ЧАЈКА“ 2023
1 КОЛО
Египет – Грција 3:1
МАКЕДОНИЈА – Јапонија 0:3
2 КОЛО
Јапонија – Грција 1:3
МАКЕДОНИЈА – Египет 3:2
3 КОЛО
Египет – Јапонија 1:3
МАКЕДОНИЈА – Грција 0:3