Милевски по ремито: Момците се прекрасни тоа го покажаа на терен! За жал ремито не е победа, но јас сум задоволен!

458

Иако малкумина веруваа дека Македонија ќе може повторно да и парира на големата Италија, сепак од Националната Арена “Тодор Проески“ вечерва дојде една порака, никогаш да не се отпишува ниту еден македонски спортист.

Нашите фудбалери одиграа одличен меч, одиграа реми со Италија благодарение на бомбастичниот гол на Енис Барди.

По мечот, Боби Милевски предводникот на нашиот најдобар национален тим имаше право на задоволство. Изминатиот период на негова сметка стигнаа бројни критики, истите ги имаше и пред мечот, но тој исправено ги дочека истите и продолжи со својата мисија.

„Како што кажав на прес-конференцијата пред мечот, ова е сосема поинаков натпревар од оној во Палермо. Ова се квалификации, а тоа беше бараж. Исто така Италија е сосема друга со нов селектор и нов тим, но и ние исто така сме поинакви од тогаш.

Мора да сум задоволен, имаше желба за докажување, желба за надигрување. Овој нерешен резултат не е рамен на победа затоа што освои само еден бод, а не три. Во вториот дел одигравме одлично за разлика од првиот дел кога имавме некои аномалии во играта“, рече Милевски.

На прашањето дали му сметаат критиките, тој рече дека секогаш на нив гледа позитивно, секако доколку се со добра намера. Истовремено испрати пофалби за дебитантите во националниот тим.

„Критиката е секогаш добредојдена, секако ако е со добра намера. Јас позитивно гледам на критиките. Притисок ниту чувствувам, ниту ќе чувствувам. Ако го имаш притисокот значи вредиш. Камо да имаме ваков ист притисок како сега, па да играме на овој начин. 

Би сакал да ги пофалам и оние кои за првпат беа тука и оние кои првпат настапија. Дебитантите одлично се покажаа на терен, покажаа репрезентативен карактер. Ние имаме млад тим, ова е добра насока по која треба да се движиме.

За играчите ќе кажам дека се прекрасни момци и тоа го покажаа на теренот. За овој ФИФА прозорец не се грижам затоа што играчите се физички подготвени за разлика од јунскиот термин кој никогаш не сум го сака. Кога играте против Италија мора да сте на највисоко ниво, физички и психички“, рече Милевски. 
ПретходноБарди: Горд сум, ние сме мала земја која има многу “ЛАВОВИ“!
СледноЕлмас: Игравме на ужасен терен, пресреќен сум за овој бод!