На 8 февруари идната година ќе се одржи ждрепката за новото издание на УЕФА Лигата на нации. Македонија која во последното издание беше дел од сегментот „Ц“, таму ќе остане и за следното издание на ова репрезентативно натпреварување.
УЕФА според пласманот од последното издание на ова натпреварување, веќе ги одреди и шеширите од кои ќе се формираат новите групи. Македонија во минатото издание освои само 7 бода во групата и на крајот е рангирана на 42. место, што автоматски не смести во третата квалитативна група во сегментот „Ц“. Тоа значи дека на ждрепката на 8 февруари Македонија за противник сигурно нема да ги добие селекциите на Фарските Острови, Словачка и Северна Ирска кои се најдоа заедно со нас во третиот шешир.
Од останатите шешири ќе ги очекуваме трите противници во групата, а еве како ќе изгледаат шеширите за одредување на групите во сегментот „Ц“ од новото издание на УЕФА Лигата на нации:
СЕГМЕНТ „Ц“
ПРВ ШЕШИР: Грузија, Грција, Турција, Казахстан
ВТОР ШЕШИР: Луксембург, Азербејџан, Косово, Бугарија
ТРЕТ ШЕШИР: Фарски Острови, Македонија, Словачка, Северна Ирска
ЧЕТВРТИ ШЕШИР: Кипар, Белорусија, Литванија, Гибралтар