Македонскиот стопер Диме Димов е еден од ретките фудбалери во шампионатот на Бугарија, кој од стартот на сезоната, па се до крајот на есенскиот дел, ги има одиграно сите минути за својот клуб. Искусниот стопер во летниот преоден рок од струмичка Брера замина за Локомотив од Софија. Скромното момче веднаш ги освои симпатиите на сите во клубот и тренерите, па така тој е единствениот фудбалер, кој ги одигра сите минути на сите 20 првенствени средби, а истото важи и за максималната минутажа и на двата Куп натпревари кои ги одигра Локомотив Софија.
Диме Димов својот квалитет го докажува со успех во Бугарија, каде е ценет и почитуван, за разлика од тука кога при настапите за Академија Пандев и Брера никој не го ни приметуваше неговиот дефанзивен квалитет.
Националниот тим има проблем со одбраната, но Софија изгледа е многу далеку за некој од оние што треба да заминат и да видат со какви квалитети располага Димов. Ако може да биде главен столб во стабилен клуб како што е Локомотив од Софија, зошто да не добие шанса барем на некој тест меч за во националниот тим.










