Шкупи знае како, и затоа ќе игра со Санта Клара (ВИДЕО)

1574

Шкупи ја спаси честа на мак-фудбалот. Единствен македонски тим кој се пласираше во следната фаза со вкупна победа од 3:1 над косовски Лапи.

Чаирскиот тим на реваншот во Приштина ја одржа предноста, па дури во 78. минута и поведе, а Лапи само успеа да израмни. Наумовски спасуваше неколку шанси, Маркоски промаши чист зицер, а шансите за победа во финишот не ги реализираше Трапаноски.

НАУМОВСКИ НЕ ДАВА, МАРКОСКИ УТНА 100% ШАНСА

Прв дел во кој доминација имаше Лапи. Се доби впечаток како свесно Шкупи да им ја препушта иницијативата, но тоа можеше скапо да ги чини, ако на голот не беше Наумовски. Голманот на Шкупи со три добри интервенции спасуваше гол, и го одржа својот тим на тие 0:0.

За во финишот Кире Маркоски да има шанса да стави можеби „печат“ на патникот во следната фаза, но откако се најде осамен по левата страна, неговиот удар беше одбранет со што остана почетниот резултат по првиот дел, резултат кој го носеше Шкупи во следната фаза.

МАРКОСКИ ПОВТОРНО ИМАШЕ „ЗИЦЕР“

На стартот од вториот дел иста слика. Иницијатива на Лапи, но во 49. Противнапад и огромна шанса за Шкупи. Маркоски излезе сам, тргна да го минува и голманот, но Чориќ во последен момент одбрани чист зицер, не дозволи Шкупи да поведе, и го остави во игра својот тим.


Лапи имаше една шанса откако волејот на Садриу заврши само над голот.

ЛАПИ СО ЦРВЕН, АДЕМ РЕАЛИЗИРА

Во мешаницата во 75. минута од средбата, Лапи остана со играч помалку откако Емини доби исклучување директно, по дуелот со Руатубуаје. Емини беше испратен во соблекувалната, а тоа му даде играчка предност на Шкупи. И ја искористи за само три минути.

По добра акција, Ѓорѓиевски поведе напад, се „отвори“ Адем од втор план, одлична топка, Адем излезе сам пред Чориќ, и го совлада за радост на Шкупи, и решавање на патникот во следната фаза.


ОДБРАНАТА НА ШКУПИ ПОПУШТИ

Сепак, пет минути по дадениот гол, одбраната на Шкупи попушти. Акција по левата страна, а Фазлиу и со помош на среќата реализира во голот на Наумовски за израмнување. Сепак, Лапи беше далеку од водството на Шкупи, но за каква таква надеж на домашните дека може да изборат следна фаза.

Санта Клара е следниот противник на Шкупи. Натпреварите се играат на 22. и на 29. јули, а на првиот меч чаирскиот тим е домаќин.

ЛАПИ – ШКУПИ 1:1 (0:0) вкупно 1:3
Стадион: Фадиљ Вокри во Приштина. Гледачи: 1000.
Судија: Алтман (Австрија).
Стрелци: Фазлиу 83’ (Л) – Адем 78’ (Ш)
Ж. Картони: Идризи, Хоти, Рамадани (Л) – Иљази, Алварез, Руатубуаје, Шабани (Ш).
Ц. Картон: Емини 75’
ЛАПИ: Чориќ, Емини, Идризи, Пренци, Пепоши (46’ Шилова), Шабани, Хоти (60’ Селмани), Рамадани, Садриу, Малиќи (46’ Велиу), Фирмино (67’ Фазлиу).
ШКУПИ: Наумовски, Иљази (46’ Ѓорѓиевски), Руатубуаје, Сенгор, Зука, Чешмеџиев, Шабани, Цветаноски (63’ Адем), Алварез, Китановски (78’ Шеји), Маркоски (70’ Трапановски).

ПретходноФото од новиот болид во Формула 1 за новата ера!
СледноМладинките го „растурија“ Косово