Павле Данилов им се врати на победите, нов формат на снукер првенството!

62

Првиот шампион на Македонија во снукер, Павле Данилов, започна триумфално на стартот од новата првенствена сезона, која од оваа година се игра според нов формат.

Согласно промената во пропозициите, снукер шампионатот оваа година се одвива преку две дивизии, при што во „елитната” лига играат само осумтемина најдобри и секој меч е вистинско дерби.

„Презадоволен сум од променетиот формат, кој беше предложен од нас играчите, а усвоен од страна на федерацијата во соработка со клубовите. Поделени сме во „А” и „Б” лига, па во старт натпреварувачката енергија е на повисоко ниво. Во А лигата играме подолги натпревари во групи, до 3 добиени партии, а уште подолги во елиминационата фаза, каде се игра до 4. Со тоа, сметам дека добиениот финален ранкинг станува пореален. Во „Б” лигата конечно ќе добијат мотивација оние кои помалку тренирале, да тренираат повеќе, затоа што шансите за освојување на истата им се далеку повеќе зголемени“, вели Данилов.

Тој го изрази своето задоволство  и од унапреденото организациско ниво.

„Имавме точни тајминзи на натпреварите и навистина пријатна натпреварувачка атмосфера. Земајки предвид дека нашите судии стекнаа големо искуство минатите години, како во државните првенства, но и преку судењето на европските првенства, ја завршија својата работа најпрофесионално до сега, со што и во неколку наврати нè изненадија со нивните проценки и реакции“.

Новиот формат од „Алфа Плам Националното првенство во снукер” предвидуваше првопласираните двајца од минатата година, шампионот Берат Јашари и вице-првакот Петар Панов, да бидат носители на две групи во кои другите играчи се делегираат со ждрепка. Така, во првата група Јашари започна доминантно со две победи, над Горан Ѓурчиновски со 3:0 и над Владо Матоски со 3:1. Сепак, иако избори пласман во следната рунда, во последниот меч беше изненаден од Александар Ставриќ кој единствената победа на турнирот ја забележа токму против трикратниот првак, со 3:2.

Во втората група Панов издоминира со три победи, додека Данилов му се приклучи на втората позиција забележувајќи победи над Колоски и Лукревски. Полуфиналните дуели донесоа ново изненадување, бидејќи во меч „подобар од 7 фрејма” Данилов успеа да направи изненадување и со 4:1 да победи против Јашари, а Панов со уште една убедлива победа од 4:0 над Ѓурчиновски го резервираше второто место во финалето.

На крајот, Панов и покрај претходно демонстрираната подготвеност, во финалето не успеа да го повтори успехот од групната фаза (кога го совлада Данилов со 3:0) и во меч кој траеше речиси четири часа загуби со 4:2.

– Во натпреварите од групната фаза видовме повеќе високи „брејкови” од 40+, и два од по 50+ („Half Centuries”) поени. Дисциплината што ја имав во изминатиот период, како и неколкуте тренинзи во изминатите 2 месеци, ми дадоа самодоверба и сигурност за да можам да се соочам со двајцата наши минатогодишни највисоко рангирани играчи, Берат Јашари и Петар Панов. Во полуфиналето со Јашари изиграв многу борбено и го добив со 4:1, но морам да признаам дека Јашари заради приватни обврски не тренираше подолг период, со што тоа дополнително ми ги зголеми шансите да можам да го совладам. Со Панов во финалето се почувствував дека давам исто толку фокус како во едно финале во 2017 година, кога во Бугарија го освоив првиот интернационален трофеј. Се фокусирав максимално на секоја топка и знаејќи ја спремноста на противникот, не го потценив во ниту еден момент. Овој пат Панов покажа една нова димензија во неговата игра, а тоа е голема смиреност, онаква каква што тој немал никогаш, а таквата смиреност е во суштина дел од секој професионален снукер играч. На крајот победив со 4:2, па се надевам дека и го мотивирав да вежба уште повеќе, а со тоа да покаже уште повисоко ниво на игра во наредните турнири од сезонава, како и на меѓународните настапи, во мечевите од балканските и европските првенства.

Веќе претстојниов викенд во снукер арената на Гран Клуб продолжуваат натпреварите со стартот на „Б” дивизијата која е отворена за сите ентузијасти и љубители на таканаречените „билијардски спортови”.

ПретходноДали повторно ќе биде стариот? Тажно е тоа што Санчо го направи од себе (ВИДЕО)
СледноМакедонската репрезентација во традиционално карате освои 21 медал во Крушевац