Куманово ја продолжи фантастичната низа во плеј-аут зоната, откако вечерва на домашен терен го победи и вториот тим на Е. Пелистер и успеа да се пробие на второто место на табелата. Кумановци славеа со 29:23 и покажаа дека покрај Прилеп остануваат еден од тимовите кои до крајот сериозно ќе се борат за директен опстанок во Суперлигата.
Клучот на победата за Куманово денеска беше одличното прво полувреме во кое домашните направија голема предност од 5 гола. Истата трпеливо се градеше, а во вториот дел одлично беше зачувана до самиот крај. Е. Пелистер 2 не успеа да најде начин да им се спротивстави на мотивираните домашни ракометари и го запиша третиот пораз во плеј-аутот.
За Куманово ова беше четврта победа во низа, а досега по 9 кола кумановци имаат скор од 7 победи, едно реми и само еден пораз.