На двата последни меча шампионот против Вардар и Брегалница од можни 6 бода освои само еден. И до него дојде едвај, и тоа вчера кога Бесарт Ибраими со гол од пенал во 86.минута израмни дома против Брегалница.
Сепак и покрај се Струга ТЛ сеуште е на првото место на табелата во ПМФЛ, но сега само со бод предност пред Шкупи и со три пред третата Шкендија.
Се чини дека стружани во овие две кола пропуштија голема шанса со очекувани шест бода да ги решат дилемите околу титулата.
По вчерашното реми со Брегалница, свој коментар има стратегот на шампионот Шпетим Дуро:
“По сето она што го покажавме во првото полувреме, а и по водството од 1:0 се чинеше дека лесно ќе дојдеме до победата. Но во второто полувреме работите на теренот се сменија. Па затоа велам дека е добро што освоивме барем бод ако се знае дека до пред самиот крај на средбата губевме со 1:2. Овој бод не држи на челната позиција, овој бод е многу важен бидејќи го задржува мотивот кај играчите. Ќе се бориме до крај, тоа е јасно, не сакаме да го загубиме тоа што го имаме во моментов“ посочи Дуро.