Ненад Димитријевиќ го понесе МВП признанието за регуларниот дел од сезоната во ВТБ-лигата. Македонскиот репрезентативец е главната причина што Уникс Казан за првпат во својата историја заврши на лидерското место пред стартот на плеј-офот.
Нено оваа сезона испиша личен рекорд по бројот на постигнати поени на еден натпревар, рекорд по бројот на поделени асистенции.
„За мене е голема чест да ја добијам наградата за МВП за регуларниот дел од сезоната на ВТБ лигата. Оваа година победивме на многу возбудливи натпревари и победивме во регуларниот дел од сезоната. Мислам дека ова е резултат на напорната работа на целиот тим.
Би сакал да се заблагодарам на ВТБ лигата, на мојот тим УНИКС, на стручниот штаб предводен од Велимир Перасовиќ, на медицинскиот персонал и на нашите верни навивачи. Но, мојата најголема благодарност до моите соиграчи кои ми помогнаа да станам подобар играч“, рече Димитријевиќ.