Машката јуниорска кошаркарска репрезентација на Македонија ја запиша и четвртата победа и се пласира во четвртфиналето на европското првенство од Б дивизијата. Денеска во „СЦ Кале“ во Скопје, избраниците на селекторот Горан Андреевски славеа над Кипар со 102-61.
Македонија тргна фуриозно. По првата четвртина водеше со 24-13 потврдувајќи ја фаворитската улога. На полувреме се отиде со +12 (41-29). Третата четвртина нашите момци ја добија со 31-13 со што ја зголемија предноста на +31 (74-43). Во последната четвртина исто така доминираа за на крајот да впишат убедлива победа.
Најдобар стрелец во македонскиот состав беше Стефан Стојковиќ со 20 поени, пред Марко Луканоски кој имаше учинок од 17 поени и осум скока и Коста Ќириловски исто така со 17 поени и девет скока.
Македонија има „четири од четири“ и е на чело на табелата со 8 бодови, втора е Чешка со бод помалку. Трета е Украина со шест, четврта Ирска исто така со шест. Претпоследна е БиХ со пет бода и последен Кипар со четири.
Наредниот меч на Македонија е против Украина на 31 јули.