Maкедонија го изгуби првиот пријателски натпревар во дуелот со Црна Гора, а селекторот Драган Бајиќ комбинираше, ротираше кошаркари со цел да ја види нивната подготвеност да одговорат на предизвиците. Македонија играше без неколку главни играчи, а Бајиќ е задоволен од тоа што го виде од останатите.
„Со оглед на тоа дека ова беше нашата прва контролна средба, можам да бидам задоволен, дури и повеќе од тоа“ – вели селекторот Бајиќ по првите 40 одиграни минути од средбата со Црна Гора која гостите ја добија со (81:59).
Кога вели задоволен, Бајиќ мисли на случувањата во првото полувреме во кое бевме рамноправен ривал на физички доминатниот противник.
„Она што го барам од нив, момците го испочитуваа во таа фаза до натпреварот. Во продолжението, се почуствува онаа ‘ширина’ која Црна Гора ја има во ростерот во однос на нас. Се виде дека се на некои два-три степени погоре во однос на физичка сила која и пресуди да бидат победници. Не гледам премногу на крајниот резултат, но сигурно е дека следува комплетна анализа на второто полувреме“.
Предводникот на нашата најдобра селекција очекува уште подобри игри, особено кога и Џејкоб Вајли ќе го фати својот играчки ритам…
„Знаете дека Вајли се приклучи подоцна, дека во моментов е на некои 20-30% од онаа вистинска форма. Но знам дека како ќе одминуваат деновите, така тој ќе ја пронајде и својата игра, не се сомневам во тоа“.
Има и други позитивни работи во поразот….
„Момците имаа вистински пристап кон поставените задачи, особено во тоа прво полувреме кое треба да е насока за наредниот меч кој ни следува со истиот противник. Видлива беше таа енергија кај нив, да бидат што е можно подобри во дуелите со физички посилните противници. Имаме добра атмосфера, која е потребна за турнирски систем на натпреваривање. Одиме понатаму низ подготовките“- дополнува селекторот.
Во среда, од 19. часот, исто така во салата на СЦ„Јане Сандански“, двете селекции ќе го одиграат и вториот контролен натпревар.