Коментар на 7.коло: Ве молиме воведете ВАР под итно!

694

Пишува: Зоран Ѓоршоски

По целата онаа брука, по целиот скандал што вчера се случи на Арената “Тодор Проески“ во Скопје, кога гол од офсајд беше признат и Вардар беше поразен или Силекс победи сеедно, навистина човек сега треба надолго и нашироко да пишува “романи“ за тоа како го виде целиот случај. Сепак претходно да кажеме дека на социјалните мрежи коментарите беа…

Најинтересно беше тоа што тие што тврдеа дека голот е регуларен, барем најголем дел од нив, тоа го правеа како анти-вардарци или како некој што се повикува на кармата. Или за инает. Нема друго.

Да се “утепаш“ од смеење…

Мене никој не може да ме убеди дека голот во 90+4.минута на Додев беше регуларен. Колку толку ги знам правилата. Пред да го пишувам коментарот се консултирав со петмина судиски стручњаци и резултатот беше 4:1 дека голот е офсајд, а јас си ја почитувам струката.

За мене најсимптоматично е тоа што прво помошниот судија го подигна знаменцето сигнализирајќи офсајд. Главниот судија ја прифати неговата одлука и тој покажа офсајд, но потоа следуваше драмата. Потоа Пилешков во консултација со својот помошник ја преиначи одлуката и покажа на центарот, одлука која ги разгневи вардарци во секој случај.

Прашањето е, уште еднаш, зошто судиите ја преиначија одлуката?

Да не се навраќаме наназад во изминатите кола што беше и како беше. Вчера и Шкендија се “мрштеше“ на пеналот во Маџари, и Тиквеш во Струмица бараше во два наврати најстрога казна.

Сето ова наведува до тоа да уште еднаш ги замолуваме надлежните во ФФМ, под итно да се воведе ВАР. Не дека и со него некогаш ќе нема грешки, но секако дека ќе нема катастрофални грешки како онаа вчера на Арената во 90+4.минута.

Познато е дека некаде пред шест месеци, па и повеќе, од ФФМ се пофалија дека се прават напори што побрзо да се воведе ВАР – системот со цел да се намалат судиските грешки. Некои се надеваа дека тоа ќе го имаме во пролетниот дел од минатата сезона, а еве се одигра 7.коло во новата сезона, од ВАР-от ни трага ни глас во Македонија.

Ве молиме уште еднаш, по секоја цена под итно да се воведе ВАР, па макар колку и да чинел тој. Причините не сакаме да ги набројуваме, тие сите ги знаат, а една од главните е што оваа сезона се разликува од минатите.

Во оваа 2024/25 сезона дури седум клубови најавуваа или најавуваат битка за титула а речиси сите ја посакуваат таа пуста Европа.

А на никој ни на памет не му е да си дозволи онака лефтерно да испадне. Па видете што прават Воска и Беса, “кинат“ бодови од Струга ТЛ и Шкупи.

Сите ние знаеме дека ако сега е пекол, што ли не чека напролет кога ќе нема поправен? Кога секој (не)досуден пенал, офсајд, картон ќе предизвика експлозија од незадоволство, кога секој фаул ќе значи и катастрофа за екипите.

Состојбата во ПМФЛ е наелектризирана до максимум, и кога не се во право одредени клубови “дигаат револуција“, а камо ли да се во право. Воведување на ВАР-от ќе значи и заштита на судиите, ќе донесе една релаксација, па јас не ќе морам да се јавувам кај петорица и да правам тајна анкета, па нема сега да раскажуваме за судиските грешки туку ќе пишуваме за голови, акции, атрактивни голови, сензации и слично. Тоа е фудбалот, а не после секое коло во епицентарот да бидат луѓето кои ја “делат“ правдата.

Уште еднаш ве молиме воведете ВАР.

Во спротивно напролет ќе биде „циркуз“ бидете уверени во тоа.

Ова сега ќе биде “играчка“ во споредба со се она што напролет сите нас не очекува.

Немојте после да кажете дека не сме ве предупредиле.

ПретходноНенад Бјелица е новиот тренер на Ристовски и Адеми!
СледноЛина експресно со пласман во 1/4 финалето во Куршумлијска Бања!