Ракометарите на Вардар вечерва по пауза од две години повторно се враќаат на европската сцена. „Црвено-црните“ на домашен терен го пречекуваат исландски Валур во првиот меч од ЕХФ Европската лига.
Вардар во ова второ по ранг европско ракометно натпреварување се наоѓа во група со Валур, германски Мелсунген и екипата на Порто, со која добро се познава од минатите настапи низ Лигата на шампионите.
Првиот ривал на избраниците на Владо Недановски ќе биде исландскиот Валур, за кого и на прес-конференцијата вчера Недановски и кружниот напаѓач Милан Лазаревски истакнаа дека е тим против кого Вардар треба да очекува победа.
„По две години пауза повторно сме присутни на европската сцена. Имаме поволна група. Овој прв меч ќе има посебно значење, бидејќи сметам дека противникот е по мерка. Станува збор за екипа која има брзина и транзиција како главно оружје, но сметам дека ние сме фаворити на овој меч. Играме дома, и имаме одлична позиција со победа да ја отвориме сезоната и да ги израдуваме нашите навивачи“, изјави Лазаревски.
Исландскиот тим во Скопје доаѓа со две познати имиња. Тоа се голманот Бјоргвин Густавсон и десниот бек Александар Петерсон. Натпреварот ќе се одигра во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 20:45 часот.