Боби Божиновски: И на 40 години можам да играм во оваа наша Прва лига!

2421

Роден е на 24 февруари, во далечната 1981 година. Значи има 40 години, и сеуште нема намера да рече – Доста е од фудбал. И во следната сезона, која денеска стартува, ќе ја предводи Македонија ЃП како капитен и најдобар фудбалер.

Секако, погодувате. Тоа е Боби Божиновски.

Спортмедиа го прашува Боби – До кога?

А, зошто да не играм“ по малку на шега одговара ветеранот и продолжува…

И на 40 години можам да играм во оваа наша Прва лига. Максимално спортски живеам, тренирам редовно и осеќам дека можам најмалку уште една година да им помогнам на ‘лавовите’. Можебе не сите 33 средби да ги одиграм по 90 минути, но тука сум за мојот тим“.

АМБИЦИИТЕ СЕ ВИСОКИ…

За тоа што може Македонија ЃП со Боби Божиновски како капитен да направи во сезоната што денеска почнува, ветеранот коментира.

Па, видете, ние осетно се засиливме. Веројатно имаме подобар тим од лани, се надевам, очекувам да се бориме за тоа трето место на табелата. Ако Шкендија и Шкупи се главни фаворити и објективно се најквалитетни наши екипи, јас мислам дека ние би можеле да бидеме веднаш зад нив. Секако дека за тоа ќе се прашуваат и некои други екипи, но јас како и секогаш и сега сум оптимист“ констатира Божиновски.

Денеска во Ѓорче на гости доаѓа Пелистер, некогашниот тим на Божиновски.

Важно е уште на стартот да ги освоиш бодовите, да победиш без разлика против кого. Со тоа се крева атмосферата, самодовербата. Јасно ни е на сите дека Пелистер си имаше и си има проблеми, но не смееме ниту на сон да помислиме дека ќе биде лесно. Напротив, ќе биде многу, многу тешко. Но, реков, Македонија ЃП е максимално подготвена и се надевам на победа“ заврши Боби Божиновски, кој во сезоната што денеска почнува ќе биде највозрасниот фудбалер и еден од највозрасните кој што играл во ПМФЛ во историјата на самостојна Македонија.

ПретходноВАТЕРПОЛО ОИ: Србија преку Грција го одбрани олимпиското злато
СледноСедлоски: Подготвени сме и мотивирани за новата сезона