*На една случајна средба во Скопје, разговаравме и двајцата сфативме дека сме на иста бранова должина за доброто на фудбалот во Македонија. Омерагиќ ја има мојата максимална поддршка.
*Ни треба обединување и многу работа, за Македонија сум бил тука и кога сите се откажуваа да играат за националниот тим.
*Откако завршив со фудбалската кариера се едуцирав, немам тренерски амбиции, но фудбалот е моето минато и иднина.
Не е само Горан Пандев кој ја даде јавната поддршка за Масар Омерагиќ како кандидат за иден претседател на ФФМ, по оставката на Муамед Сејдини и закажаното Вонредно Собрание во „куќата на фудбалот“ за 22 декември. Агим Ибраими е човекот кој веќе неколку месеци е во тимот за промени на ФФМ кој сега ја извршува функцијата, спортски директор на Тирана. Поранешниот капите на националниот тим верува дека деаѓаат уште подобри денови за фудбалот во Македонија.
„Го познавам Масар Омерагиќ од порано, но во текот на годинава имавме случајна кафе средба во Скопје по која редовно контактираме и зборуваме околу плановите, идеите и начинот на кој треба да се работи во фудбалот и да се донесат промени во ФФМ. Тој е човек борец, поранешен фудбалер и успешен бизнисмен. Ретки се таквите во Македонија и затоа тој е вистинскиот избор во моментот за претседателската фунција во ФФМ. Фудбалот е тимска работа, спорт во кој треба многу труд и време за да се стигне до посакуваната цел. Макеоднија како земја и капацитет има простор да напредува а тоа го може само преку издржани проекти, вистински луѓе и чесна работа. Јас верувам дека ќе биде многу подобро“, е ставот на Агим Ибраими по веста за најавите за промени во ФФМ.
Агим Ибраими се споменува како дел од тимот на Масар Омерагиќ во новата „влада“ на ФФМ!?
“Јас сум тука, подготвен и секогаш во функција за Македонија. Јас бев тука и машки издржав и кога многумина се откажуваа, ги убедував да се вратат и така единствени стигнавме до успесите и пласманот на ЕП. По крајот на фудбалската кариера се едуцирав, вложив во сопственото знаење околу фудбалот и сум во постојан контакт со мои пријатели од минатото кои сега се на добри позиции во клубовите, но и во УЕФА. Моето минато и иднина се поврзани со фудбалот и затоа мислам дека со добра визија и чесна работа може да се стигне до успехот. Успехот не е само сениорската репрезентација, успехот е ако и младите селекции одат по правилен пат. Успехот е ако еден тим за кој работиш лесно и со многу труд се бори и вложува за доброто на сите. Успех е кога сите заедно ќе победиме и кога насмевките на публиката се доказ за правилната работа“, коментира Агим Ибраими кој е задоволен од случувањата во Македонија.
„Можеме многу подобро и повеќе… Знам некои од плановите на Масар Омерагиќ и свесен сум дека истоте ќе донесат резултати. Покрај националните селекции приоритет ќе биде инфраструктурата и клубскиот фудбал. Потребно е само трпение и стратегија. Јас сум човек кој максимално се фокусирам и кога бев фудбалер и сега кога сум во фудбалот но во некоја друга функција. Убаво е што имиња како Горан Пандев ја даваат поддршката на Масар Омерагиќ. Реков, потребно ни е единство и засукани ракави. Не е се така лесно во водењето на федерација. Секогаш има задоволни и незадоволно но секогаш треба образот да ни биде чист. Тоа е нешто за кое што можам да гарантиран. Промените се случуваат, јас сум со функција во ФК Тирана, но постојано ги следам случувањата во Македонија. Доаѓаат добри денови“.
Ибраими го поздрави успехот на македонската репрезентација потенцирајќи дека македонските фанови заслужуваат уште подобри резултати бидејќи навистина знаат да се радуваат на спортските достигнувања.
“Репрезентативците заслужуваат секаков респект за последните успеси и сите заедно со новите луѓе во ФФМ да се обидеме да обезбедиме учество на ново големо натпреварување. Оваа наша држава и публика знае да ужива и да се радува на успесите во спортот. Таа радост не се купува со ништо“.