Алкалоид со две победи против Вест Виена се пласираше во осминафиналето на ЕХФ Европскиот Куп. Вечерва момци на Кирил Лазаров не одиграа доминантно како претходниот меч, но најважно е дека триумфираа, беа подобри со 29-32.
Кирил Лазаров е задоволен од пласманот, но и не криеше дека е незадоволен од изданието на некои ракометари, потенцираше дека мораат да менуваат стари навики.
„Мислам дека најважно од се беше пласманот и ние тоа го остваривме. Игравме против една квалитетна, сосема млада екипа од Австрија, која на сите нас ни покажа како да се игра храбро, да се бори до последен момент. Ми се допадна нивниот менталитет, нивното непредавања, иако вчера загубија со 11 гола разлика. Јас им дадов шанса на речиси сите ракометари на овие две средби, но треба да знаеме што располагаме. Морам да кажам дека сум незадоволен од презентацијата на неколку наши ракометари, треба да работиме, треба да се свесни дека мораме да менуваме стари навики ако сакаме да стигнеме до нивото што го посакуваме јас како тренер и сите заедно како клуб. Не сакам да споменувам имиња, но не сум задоволен од неколку играчи од начинот на кој се покажаа во овие 120 минути. Ова не е никаков „фол“ од моја страна, навистина не сум задоволен и сите мораме да увидиме дека мора да се работи повеќе, како колективно, така и индивидуално. Мора да се излезе од комфорна зона во која се наоѓаат играчите, за да се напредува и сите заедно да одиме напред“, изјави Лазаров.
Иван Галевски кој вчера беше одличен со десет одбрани, денеска влезе во второто полувреме, рече дека не е лесно да се одиграат два меча во рок од 24 часа.
„Ова беше големо искуство за нас, против ривал како Вест Виена, воопшто не е лесно да играш два меча за два дена против ваков тим што игра брз ракомет. Најважно е што се израдувавме на две победи и пласманот во осминафиналето“, истакна Галевски на прес-конференцијата по мечот.