Ракометарите по победа за потврда на главната рунда, за сите неправди, за цела Македонија!

333

Македонската ракометна репрезентација денеска (18 часот) го игра последниот меч од групната фаза на Светското првенство. Избраниците на Кирил Лазаров ќе ги одмерат силите против дебитантот на ова натпреварување Гвинеја. Овој дуел е нашата виза за пласман во главната рунда.

Нашите ракометари имаа два тешки дуели во групната фаза, ремито со Унхарија (27-27) и поразот од Холандија (37-32). Последниот меч беше исцрпувачки, особено ако се земе во предвид судиската неправда која и беше нанесена на Македонија.

Но, нашите момци вртат нов лист, најважно е денеска да се триумфира за прва радост во Вараждин и остварување на главната цел.

„Имаме еден бод по првите две рунди, можеше и повеќе, но во секој случај сме задоволни од играта што ја прикажавме. Сега на ред е дуелот со Гвинеја, селекција што можеби е аутсајдер во групата, но што сигурно нема да ја потцениме. Знаеме колку е важно, ќе сториме се за да победиме и да се пласираме во следната фаза. Кога ќе споредиме европскиот ракомет и селекциите кои доаѓаат од Африка, има многу разлика, но ниту еден противник на светските првенства не смее да биде потценет бидејќи се има изборено со голема борба за билет на овој мундијал. Ние сме подготвени, секој што е овде сака да го даде максимумот за нашата држава и верувам дека ќе успееме да ја израдуваме Македонија“, вели нашиот капитен, Филип Кузмановски. 

Ако Македонија оди во главната рунда, ќе обезбеди подобар пласман од пред две години на Полска/Шведска 2023 година, кога заврши на 27. место.

Во нашата група Д е дербито меѓу Холандија и Унгарија.

ПретходноФлик разочаран: Ова е незамисливо, овие луѓе треба да останат дома!
СледноАртета по ремито: Не можам да бидам погорд