Иднината на женската одбојка викендов на собир во Скопје

39

Одбојкарската федерација на Македонија викендов во спортскиот центар „Форца“ во Скопје организираше собир на девојчиња од генерацијата 2010 и помлади, со цел да добие попрецизна слика со што располага во оваа категорија на одбојкарки во однос на физички предиспозиции, техничка и тактичка подготовка.

На дводневниот собир учествуваа 86 девојчиња од 20 клубови и школи кои функционираат под капата на ОФМ.

„Организиравме прв собир на генерацијата 2010 и помлади во женска категорија, на кој беа повикани одбојкарки од сите клубови и школи во Македонија, кои функционираат под капата на Одбојкарската федерација на Македонија. Истовремено повикани се скоро сите тренери од клубовите од Првата и Втората лига кои работат со оваа возрасна категорија. Целта е да видиме со каква генерација располагаме во моментов и од квантитетот кој го имаме на одбојката како најмасовен женски спорт во Македонија да извлечеме што подобар квалитет и во блиска иднина да создадеме генерација која ќе биде дополна и ќе даде поддршка на надежната кадетска генерација, која во последните години беше многу активна. Паралелно целиме и кон меѓусебна соработка на тренерите. Радува што сите клубови и тренери го прифатија овој повик на Федерацијата и што имавме одлична соработка и работна атмосфера викендов во СЦ ‘Форца’. Генерацијата со која располагаме дава надеж за во иднина, а планот е да почнеме од почеток, чекор по чекор, без да прескокнуваме скалила за да поставиме квалитетна база“, објаснува генералниот секретар на ОФМ, Филип Деспотовски.

На собирот присуствуваа и првите луѓе на Одбојкарската федерација, претседателот Петар Јовановски, потпретседателот Ивица Хаџи Иљоски и членот на Управниот одбор Кирил Калеников.

Специјален гостин во СЦ „Форца“ беше и министерот за спорт Борко Ристовски, кој со своето присуство уште еднаш ја потврди одличната соработка и поддршката која Министерството за спорт ја дава на женската одбојка како најмасовен женски спорт во Македонија.

„Поддршката на вакви настани од страна на државата е многу важна, важна е од повеќе аспекти и многу е важно со нашето присуство тука да покажеме дека се грижиме за спортот, се грижиме за одбојката, особено за женската одбојка во овој момент. Од друга страна важно е и финансиски да ги поддржиме ваквите акции, затоа што една ваква, да ја наречам операција, не е направена во последните 15 години од страна на Одбојкарската федерација на Македонија и морам да го поздравам овој потег и оваа широка селекција на девојчиња од цела Македонија. Се дава на масовност, а потоа од таа масовност да се добие и квалитет. Развојот на спортот не значи само врвни резултати, развојот на спортот значи и масовност. За нас како држава не се важни само врвните резултати, туку и јавното добро што значи што повеќе дечиња да ги привлечеме да се занимаваат со спорт наместо да бидат обземени со пороците на модерното време. Ваквите акции се важни затоа што сите заедно ќе градиме поздраво општество, општество кое ќе биде базирано на вистински вредности и кои спортот ги нуди: физичка активност, дисциплина и поради тоа од повеќе аспекти овој настан е важен“, потенцираше министерот за спорт, Борко Ристовски.

 

 

 

ПретходноСудии за Куп 1/4 финале: Трпчевски ќе им суди на Струга ТЛ и Гостивар!
СледноКоментар на 20.коло: Ова е тој НОВ Вардар!