Коментар на 27.коло: Работнички заборави да постигнува голови, хаос е во битката за опстанок!

451

Пишува: Зоран Ѓоршоски

По поразот вчера од Струга ТЛ на домашен терен со 0:1, Работнички и дефинитивно самиот си се исфрли од битката за титулата. Сега на шест кола до крајот тимот на Горан Станиќ има минус 10 бода од лидерот Шкендија и минус шест бода од вториот Силекс. Уште повеќе ако се знае како играат овие две екипи оваа пролет а како Работнички, тука нема дилеми.

Значи на Работнички му останува приоритет да го задржи тоа трето место кое сигурно води во Европа. По ова 27.коло Работнички има предност пред Гостивар од два бода и четири пред Струга ТЛ.

По ова е многу појасно зошто Работнички го чека пекол во следните шест кола да ја задржи позицијата каде што е сега.

А зошто е така?

Работнички оваа пролет влезе како еден од најголемите кандидати за титулата, но кога на девет средби ќе постигнеш само 4 голови од кои два од пенал, а од тие четири дури три ќе ги даде само еден фудбалер, тогаш ете го одговорот.

Без голови нема победи, нема бодови. Како што рековме тимот на Станиќ на тие девет меча само четири пати ја тресеше противничката мрежа, трипати Рушевиќ (н.з.двапати од белата точка) и еднаш Гандо. Работнички на овие девет пролетни меча никогаш не постигнал два или повеќе голови, Работнички оваа пролет во просек постигнува по еден гол на секои 202,5 минути.

Да, Работнички примил само 6 голови, не со таква (не)ефикасност проблем е да дојдеш до бодови.

Ова е одговорот за тоа што се случува со Работнички оваа пролет.

Инаку по победата над Пелистер среде Битола, тимот на Брера како да направи уште поголем хаос во битката за опстанок.

Да потсетиме, екипите кои ќе завршат на 11. и 12. место ќе одат директно во Втора лига, додека онаа екипа која ќе заврши на 10.место ќе игра бараж со третиот тим од ВМФЛ за пласман во елитата.

А по 27.коло еве каква е сега табелата:

8.Пелистер 29, 9.Брера 24, 10.Беса 24, 11.Тиквеш 23, 12.Воска 22.

Ова се петте екипи кои до крајот ќе стравуваат за својата прволигашка судбина.

Да потсетиме на уште една работа. Оваа табела, кога станува збор за екипи кои имаат ист број бодови, е според гол – разликата, но на крајот кога ќе се прави конечната табела тогаш при ист број бодови на две или повеќе екипи ќе решаваат нивните меѓусебни дуели оваа сезона.

ПретходноМануел Нојер го пропушта и реваншот со Интер
СледноХрватски голман со двегодишна суспензија поради користење амфетамин