Шампионот МЗТ Скопје доминантно ја започна четвртфиналната серија во домашниот шампионат. Вечерва на домашен терен „штрковите“ лесно се справија со првиот предизвик во дуелите со Феникс 2010 и успеаја да дојдат до убедлива победа од 81:58.
Единствената неизвесност на овој меч беше во првиот период. Гостите покажаа одлична кошарка и беа во егал во текот на воведните 10 минути, па дури и на крајот од периодот имаа предност од еден поен (20:21). Во втората четвртина аеродромци заиграа на ниво и успеаја комплетно да го разбијат противникот, обезбедувајќи си на полувреме предност од 12 кошеви (40:28). Иста слика на теренот видовме и во третиот период во кој МЗТ Скопје ја надополни предноста за високи +23, па во последниот период се беше веќе однапред решено.
Дамјан Стојановски со 17 и Копривица со 15 поени беа најефикасни кај „штрковите“. Кај екипата на Феникс 2010 единствен двоцифрен беше Тимохи кој постигна 12 поени.