Очекувано и секако заслужено. Она што Гостивар го направи минатата недела на дербито со Работнички, кога без причина го напушти теренот, сега дојде за “наплата“, па пак нека го прават тоа првиот човек на клубот, тренерот и капитенот.
И не само што на Гостивар му се одземени 9 бодови, и не само што парично и тоа како се казнети, туку тројцата “фраери“ ќе мораат да паузираат од фудбалот по две години.
И официјално Дисциплинската комисија ги казни со по две години забрана за вршење на било каква дејност поврзана со фудбалот претседателот на Гостивар Енес Уста, потоа тренерот Блажо Панов и капитенот Алпер Потук.
На сите ни беше јасно дека токму тие тројца, а најмногу Уста, инсистираа кај играчите на Гостивар да го прекинат натпреварот.
По се ова Уста треба да сфати дека не може да прави што сака, не може да прави како ќе му текне. Оваа држава, оваа Фудбалската федерација на Македонија си има свои закони и прописи, си има свои статути и кога ќе направиш некој срамен чин, како што тие направија на дербито со Работнички минатата недела на “Борис Трајковски“ во Скопје, тогаш ќе си “плаќаш“.
Да не заборавиме дека гостиварци ги чека казна и за други работи, покрај другото и за напад на полицајци во Струга пред две недели.