Македонската ракометна репрезентација означи старт на подготовките за последните квалификациски дуели против Естонија на гости и Литванија на домашен терен, кои ќе одлучат дали нашиот национален тим ќе се пласира на ЕП 2026 година.
Селекторот, Кирил Лазаров се соочува со бројни проблеми за овие два меча. Покрај Мартин Велковски денеска проблем пријави уште еден ракометар на Алкалоид, Марко Стојковиќ. Засега не е познато дали ќе се приклучи на тимот нешто подоцна или воопшто нема да биде на располагање. Лазаров ќе чека разврска, но доколку не може да одговори, нема да повика никој дополнително бидејќи скратениот список го сочинуваат 21 ракометар.
Од претходно поради повреди беше познато дека, Лазаров нема да може да смета на Марко Митев и Никола Ѓорѓиев, како и крилото Цветан Кузманоски.
Во стручниот штаб на репрезентацијата се врати Стојанче Стоилов. Присуството на поранешниот репрезентативец и тоа како е значајно.
Македонија последните две квалификациски меча ги отвара против Естонија на гости, дуел кој се игра 8 мај, додека три дена подоцна е мечот против Литванија. Овој меч ќе се игра во салата „Јане Сандански“, билетите веќе се пуштени во продажба.