Екипата на Работнички е последниот патник во полуфиналето на плеј-офот, откако славеше на „мајсторката“ против Пелистер со 82-79 и тоа благодарение на Андреј Шошкиќ кој погоди тројка со звукот на сирената. Младиот кошаркар практично во клучните моменти се покажа како вистински лидер. Во битка за финале, Работнички ќе игра против ТФТ.
Херојот во редовите на победникот, Шошкиќ постигна 23 поени и 8 асистенции, Ѓуроски со 24 поени беше прв стрелец. На другата страна Костоски запиша 21 поен.
Домашниот тим отвори одлично во првите десет минути, поведе со 33-17. Иако битолчани во вториот период ја подобрија играта беа подобри за два поени, сепак тоа не беше доволно за да ја спуштат двоцифрената негатива. Работнички на двапати водеше со плус 16 (35-19 и 50-34). На одморот „црвено-белите“ заминаа со водство од 13 поени (50-36).
Јасно беше дека кошаркарите на Пелистер нема да се предадат. Со серија од 8-4 намалија на 54-48 во 25-та минута. И тука не застанаа, Костоски доближи на 61-59 и најави драма.
Мишковиќ од линијата за слободни фрлања донесе егал (63-63). Неизвесноста продолжи, беше жестоко на теренот. Со тројката на Стајиќ и положувањето на Антоан, Пелистер поведе со 71-73 на пет минути до крајот. Шошкиќ беше најприсебниот кошаркар кај домаќините, имаше одговор речиси во секој напад. Во важните моменти Работнички остана без Ѓуроски, кој ја направи петтата лична грешка, претходно теренот го напушти Галовеј кај гостите.
Костоски загуби топка при 76-77, Шошкиќ со два плус еден поени врати за 79-77, но следеа два поени Антоан за 79-79. За Работнички останаа четири секунди, а Шошкиќ со тројка донесе ерупција од радост и крајни 82-79.