Во интензивно прво полувреме, ПСЖ има предност од 1:0 против Арсенал во реванш мечот од полуфиналето на ЛШ.
И вечерашниот реванш не отстапува од она што синоќа го гледавме во Милано. Арсенал од првата минута тргна агресивно кон домашниот гол, и уште во првите 5-6 минути имаше две 100% шанси. Во првата Деклан Рајс со глава не успеа да го погоди голот на ПСЖ, а во втората Донарума со бравурозна интервенција не дозволи водство на „топчиите“.
ПСЖ возврати со две исто така големи шанси, но без гол. Кваратскелија ја погоди стативата, а во контра Дуе не успеа да го матира Раја. Голот за водство на Французите стигна по прекин и уфрлена топка на втора статива во шеснаесетникот на гостите. Топката беше вратена на работ на казнениот простор каде Фабијан Руиз ја зафати со волеј и со еден прекрасен гол му донесе водство на ПСЖ од 1:0.
И двата тима до полувремето имаа уште неколку изгледни шанси, но резултатот не се промени. ПСЖ во вториот дел влегува со вкупна предност од 2:0 во ова полуфинале.