Миленкоски утре со прва прозивка на одбојкарите пред стартот на Златната лига

47

Машката сениорска репрезентација, утре во 13:30 часот, во хотелот „Горан Пандев“ во Струмица стартува со подготовките за настапот во ЦЕВ Златната Европска лига 2025. Селекторот Јошко Миленкоски повика 16 репрезентативци на чии услуги ќе смета на првата акција летово.

На првата прозивка ќе се појават 15 одбојкари, единствено ќе недостасува Михајло Мирасчиев, кој поради приватни обврски ќе задоцни, но ќе се стави на располагање веќе на првиот тренинг попладнето. Според планот репрезентацијата една недела ќе тренира во салата „Парк“ во Струмица, а потоа патува за Марибор каде на 24 и 25 мај ќе одигра пријателски двомеч со селекцијата на Хрватска, како проверка на силата во пресрет на натпреварите од Златната Европската лига.

Во годинешното издание на ЦЕВ Златната Европска лига ќе учествуваат 12-те национални тима каде покрај Македонија ќе се натпреваруваат и Чешка, Португалија, Романија, Финска, Хрватска, Грција, Шпанија, Летонија, Словачка, Црна Гора и Израел. Како и во претходното издание така и во ова ќе се игра според т.н. „швајцарски систем“ односно во три турнири, а секоја репрезентација ќе биде домаќин на по еден турнир.

Третата година во низа како дел од силното континентално натпреварување машката репрезентација го започнува викендот од 6 до 8 јуни во Братислава, Словачка, каде Македонија ќе ги измери силите со домаќинот на првиот турнир и селекцијата на Финска. Вториот турнир одбојкарите го играат една недела подоцна од 13 до 15 јуни во Рига против Летонија и Грција. Македонија ќе биде домаќин на еден од трите турнири во третиот викенд од годинешното издание, кога од 20 до 22 јуни во салата „Парк“ во Струмица, ќе ги пречека Црна Гора и Израел.

По комплетирањето на турнирите ќе биде формирана заедничка табела на која првите четири најдобро пласирани селекции ќе изборат учество на финалниот турнир, кој ќе се одржи на 5 и 6 јули во Брно, Чешка.

Машката А репрезентација од 2014 година константно е дел од годишните натпреварувања на ЦЕВ и досега има освоено четири бронзени и два сребрени медали.

ПретходноСезоната заврши и за ѕвездата на Бостон: Тејтум опериран, го чека долга пауза
СледноКласа, стил и срце на терен…и ФФМ објави крај на фудбалската кариера на Иван Тричковски (ВИДЕО)