Одбојкарите вечерва против Летонија по прва победа во Златната лига на ЦЕВ

205
фото: CEV.eu

По двата порази на првиот турнир во Словачка, од денеска машката сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија е во Летонија каде ги почнува настапите на вториот турнир од Европската Златна Лига. Избраниците на селекторот Миленкоски најавија дека овие настапи во ова натпреварување треба да бидат искористени за што подобра подготовка за настапот во завршните мечеви од квалификациите за ЕП 2026 што се приоритет ова лето.

Вечерва во 19 часот нашите одбојкари во Олимписката сала во Даугава ќе се сретнат со домаќинот на вториот турнир, селекцијата на Летонија. Летонците во првите два меча минатиот викенд остварија една победа и еден пораз. Триумфот дојде над Црна Гора со 3:2, додека беа поразени од Романија со 3:0.

Последен пат со Летонија се сретнавме во Сребрената лига на ЦЕВ во 2018 година кога во три меѓусебни пресметки претрпевме исто толку порази. Единствениот триумф над Летонија го имаме уште во далечната 2014 година кога славевме во квалификации за ЕП со 3:0.

Миленкоски направи една промена во составот за овие два меча. На техничарската позиција Давид Стојанов ќе биде на местото на Ефтим Ричлиев. Судии на натпреварот ќе бидат Страндсон од Естонија и Буркевич од Полска.

ПретходноРомано: Вирц ќе потпише веднаш штом се врати од одмор
СледноМладинците без Дамјан Митев на СП