Попладнево на програмата се сите шест мечеви од 5.коло во ПМФЛ. Потоа следува пауза се до 12 септември.
И одново дерби во Штип. А како и не би кога под Исарот гостува лидерот на табелата, тимот на А. Пандев. Штипските „сини“ се ослабени со неиграњето на неколку клучни играчи, но имаат мотив до небо, ја посакуваат својата прва победа сезонава во ПМФЛ.
“Пандевци“ во мирна и релаксирана атмосфера го дочекуваат дербито. Свесни за својот квалитет, посакуваат да ја оправдаат улогата на мал фаворит на хартија што се вели.
ШКУПИ ПРОТИВ СКОПЈЕ ВО ГРАДСКИОТ ДУЕЛ
На стадионот “Борис Трајковски“ во Маџари ќе има скопска пресметка и тоа Шкупи против Скопје. Се знае кој е фаворит, каде е квалитетот. Останува само чаирчани да покажат дека брзо го заборавиле оној пораз од минатиот викенд во Струга.
Ренова го дочекува Работнички со надеж дека и овојпат ќе прикаже добра игра и ќе ги освои бодовите. Сепак Работнички си е Работнички, кога најмалку очекуваш знае да те изненади.
Тиквеш на свој терен ја дочекува Струга Трим Лум со надеж дека денеска е денот во кој ќе се извојува првата победа во новата сезона. Сепак имаат против себе разигран и квалитетен ривал.
ШАМПИОНОТ НА ГОСТИ КАЈ “ФЕНЕРЏИЈАТА“
Шкендија е апсолутен фаворит во Битола. Му гостува на Пелистер кој не само што нема освоено ниту бод досега, туку нема постигнато ниту еден гол. Ако Шкендија одигра како што знае и треба, нема дилеми дека ќе ги освои трите бода.
И во Ѓорче домашната екипа на Македонија ЃП ќе се обиде да го надигра и победи жилавиот Борец. Ако “лавовите“ во навреме не успеат да го „отворат’ резултатот факт е дека ќе си имаат и тоа како проблеми.
ДВОЈКИ ЗА 5.КОЛО – ДЕНЕСКА (16:00 Ч)
ТИКВЕШ – СТРУГА ТЛ
РЕНОВА – РАБОТНИЧКИ
БРЕГАЛНИЦА – А.ПАНДЕВ
МАКЕДОНИЈА ЃП – БОРЕЦ
ПЕЛИСТЕР – ШКЕНДИЈА
ШКУПИ – СКОПЈЕ