Во подготовката за претстојните решавачки квалификациски дуели со Грција и Грузија, капитенот на нашата репрезентација, Никола Ѓоргиев потенцира дека селекцијата има јасна цел – пласман на ЕП.
„Зборувам за себе – успеав да се одморам, но не застанав со работа. Подготовките се куси и моравме 70/80 посто подготвени да се појавиме во Маврово. Истовремено првиот официјален меч за нас е ‘да се биде или не’, што значи дека немаме право на тест, на поправен, и мора на 13 август да бидеме во 100 посто форма ментална, играчка, физичка. Работев цело лето и во мислите ми е само пласман на ЕП, одморот ќе дојде после“, дециден е Никола Ѓоргиев.
Грција не е непознат противник. Минатиот месец се соочивме со нив во Европската Златна лига (загубивме 3:0), додека во првиот дуел од квалификацискиот циклус во Скопје исто така запишавме пораз од 3:1. Капитенот смета дека одличниот настап за Македонија во Златната лига, добро дефинираниот план за подготовки, како и атмосферата која ја има во екипата се одличен предзнак дека она што не е постигнато претходно во меѓусебните дуели со Грците ќе дојде до израз на дуелот во Атина.
„Имаме убав распоред за подготовките. Десет дена во Маврово и веднаш четири силни пријателски натпревари, два во Софија и два на турнирот „Чајка“ кои ќе бидат одлична можност за темпирање на формата за Грција. Во тој дуел се ќе зависи од нашата здравствена состојба, нашиот ментален склоп и желбата, а таа мислам дека ќе биде на највисоко можно ниво. Грција е истата екипа од Европската лига, нивниот список е објавен веќе и составот ни е познат. Се соочивме со нив минатиот месец, но резултатот од тој дуел не реален, бидејќи на тој натпревар покажавме само 50 посто од нашата игра. Екипата беше преморена од натпреварот со Летонија, ден порано, во кој победивме со 3:2 и во кој ги исцрпивме нашите сили. Некако мислам дека и во двата претходни натпревари со Грција останавме како недоречени, го имам тоа чувство и затоа се надевам дека во престојниот меч ќе го дадеме најдоброто од нас, ќе ја играме нашата игра и ќе го земеме она што ни припаѓа во Атина. Колку ќе биде тоа еден сет, два сета, победа… ќе видиме. Репрезентацијата на Грција играше на Ф4 во Европската лига, но таму ги загубија и двата натпревари и не знам колку тоа им влијаеше на комплетната атмосфера, но секако дека приоритет за нас е нашата игра. Најважно е да сме здрави и живи сите, да сме комплетни. Имавме одлична атмосфера и резултати и ја остваривме нашата цел во Европската Златна лига. Првиот дел од летните обврски ги завршивме одлично, се надевам дека така ќе биде и во вториот дел кој ќе го крунисаме со четврто Европско првенство во низа“, заклучува Ѓоргиев.
Одбојкарите до 28 август ќе тренираат во Маврово, од каде патуваат за Софија на пријателски двомеч со Бугарија, на 29 и 30 август.